Обвинителство за скандалот на онкологија: Првичните наоди упатуваат на кривични дела против здравјето на луѓето и проневера

Обвинителството ќе бара информации од Косово и Албанија за евентуални сознанија за илегална препродажба на онколошки лекови таму, а ќе побара податоци и за нивни пациенти кои се лекувале со одредени терапии во Македонија.

Првичните наоди како што денеска соопшти обвинителството упатуваат на сомнежи за кривични дела против здравјето на  луѓето и проневера во службата на Клиниката за онкологија.

„Со цел испитување на ваквите наводи, до овој момент од Клиниката е обезбеден обемен доказен материјал и документација која веќе е предмет на анализа. Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето.“ - велат од ОЈО.

Освен тоа формиран е и тим кои го анализира целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, додека тим на МВР ги проверува компјутерите кои беа одземени при претресите на три локации. 

Во предистрагата се вклучува и Управата за финансиско разузнавање како и државните ревизори, а извештаи за работата на онкологија ќе треба да изготват и Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Во меѓувреме, како што велат од обвинителството извршен е распит на вработени во клиниката, а во тек е распит на пациенти кои доброволно се јавиле да помогнат во истрагата. 

Министерот за здравство денеска повика да не се шпекулира за случајот бидејќи, како што рече, со тоа може да бидат загрозени животите на пациентите. Повтори дека протоколите за делење терапија се променети и нема никакви манипулации во давањето лекарства. 

„Откога јас раководам со министерството ви гарантирам дека нема пропусти и повикувам да не се шпекулира затоа што ова може да загрози животи на пациентите и да ги натера да бараат алтернативи или нардоно кажано бабини лекови, затоа да ги оставиме органите на правдата да си ја завршат работата.“ - рече министерот за здравство Фатмир Меџити.

За случајот со онкологија денеска реагираше и опозиционерот Мицкоски кој обвини дека власта сака да го заташка скандалот. 

„Како што и претходно кажав, истото важи за овие медицинско политички криминалци кои профитирале на здравјето на граѓаните, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, многу посериозно ќе се занимава со овој скандал и давам збор дека тие кои го направиле сето ова ќе бидат процесуирани пред органите кои се за тоа задолжен.“ - вели Мицкоски. 

Обвинителството отвори предистражна постапка откако во медиумите се прошири информацијата дека имунолошката терапија за онколошките пациенти, дел од вработените на Онкологија ја краделе и препродавале на црниот пазар.