“Обвинителска војна“: Суспендираниот обвинител Хајрулахи обвинува за притисток
Суспензијата е обид за притисок но и заплашување на други обвинители - шефот на скопското вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи кој вчера беше суспендиран од работа - со обвинувања до републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.
Хајрулахи денеска на прес-конференција рече дека Коцевски му вршел брутален притисок со цел Вишото ЈО да донесе нарачана одлука за предметот со бонусите во поранешното СЈО, но и затоа што обелоденил во јавноста дека ќерката на Коцевски изнесува информации од Републичкото обвинителство.
„Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со одлука ме оддалечи од функцијата виш јавен обвинител, со образложение дека против мене се води кривична истрага во ОЈО Штип за мобинг, а всушност тенденцијата е мене да ме отстрани од функцијата и да ме замолчи. Истовремено, да ги заплаши и другите обвинители кои постапуваат согласно законот, а со цел да се донесат нарачани одлуки. Пред извесно време, на 19 септември, републичкиот обвинител ме викна кај него во канцеларија и ми рече дека за предметот со бонусите на вработените во СЈО треба да донесам одлука со која ќе се потврди првостепеното решение на ОЈО за гонење на организираниот криминал и корупција и дека не треба да му се даде својство на оштетен на подносителот на кривичната пријава, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Јас реагирав и кажав дека како обвинител не би се дрзнал на друг обвинител, кој постапува во предметот, да му наредувам да носи каква било одлука по нарачка.“ - Мустафа Хајрулахи јавен обвинител.
Републичкиот обвинител Коцевски пак веќе ги отфрли обвинувањата за притисоци, а за суспензијата на Хајрулахи од обвинилтеството велат дека Одлуката за негово оддалечување е донесена бидејќи доколку тој продолжи да ја извршува функцијата, штетно ќе се одрази на раководењето и постапувањето по предметите на вишото јавно обвинителство во Скопје.
Од обвинителството исто така тврдат дека ниту една информација од извештајот за надзорот врз вишото обвинителство не била изнесена, а што се однесува до снимката која беше објавена, веќе имаат одредени индиции за лицето што ја снимило.
- Се преземаат дејствија за обезбедување докази во поглед на идентитетот и мотивите за снимањето, по што исто така јавноста ќе биде известена. Особено е загрижувачки што предмет на следење и снимање била и ќерката на државниот јавен обвинител, што претставува посебна форма на притисок врз работата на обвинителот. - ЈОРСМ.
Вчера Обвинителството соопшти дека против Хајрулахи е поднесена кривична пријава од страна на група вработени за малтретирање и за злоупотреба на службената положба. Истрагата ја води штипското обвинителство, а додека трае Хајрулахи е суспендиран.

