Обвинителот Цветановски се враќа на работа – дисциплинската постапка за Хајрулахи прекината

Советот на јавните обвинители на Македонија одлучи да ја укине суспензијата на обвинителот Јован Цветановски и предметот да го врати на повторно разгледување поради утврдени пропусти во одлуката на Првостепената комисија.

Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека по разгледување на жалбите било констатирано дека постојат недостатоци во постапката. 

Во однос на укинувањето на решението за суспензија, појасни дека согласно него, обвинителот се враќа на работа. 

Јован Цветановски беше јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тој стана познат поради неговата улога во предметот за бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство. 

На истата седница Советот ја прекина дисциплинската постапка против поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, откако тој претходно поднел барање за престанок на функцијата. Хајрулахи беше суспендиран по обвинение од Основното јавно обвинителство Штип за повеќе кривични дела, меѓу кои малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службена положба, обвиненија што тој ги отфрли како политички мотивирани.