Обвинителката Наташа Крстевска Цалева ќе раководи со Вишото јавно обвинителство додека трае дисциплинската постапка против Мустафа Хајрулахи

Советот на јавни обвинители не се најде повикан на повеќето прозивки на власта за партизирани обвинители и распуштање на ова тело. Претседателката на советот Душица Димитриеска смета зачестените обвинувања на власта до правосудниот систем не се однесуваат на нејзината институција и затоа како што рече истите нема да ги коментира.  

Премиерот Мицкоски во неколку наврати посочи дека е потребно коренити реформи во правосудството со распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители. Запрашан дали се планира да се поведе постапка за распуштање на советот - тој вчера истакна дека чекор по чекор ќе следат многу реформи во правосудниот систем.

Во меѓувреме Советот на ЈО му најде замена на судијата Мустафа Хајрулахи кој е суспендиран од функцијата шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје. Наташа Крстевска Цалева ќе ја води оваа судска институција која беше предложена од  државниот обвинител Љупчо Коцевски, а  денеска едногласно беше избрана.

Советот на јавни обивнители брои 11 члена. Но, на тројца од нив кои ги избира Собранието од редот на професорите и правниците според најавите на власта ги чека истата судбина како членовите на судски - Интерпелација во Законодавниот дом.