ОБВИНИТЕЛИТЕ ОД СЈО СЕ ДИСТАНЦИРАА ОД РАБОТЕЊЕТО НА КАТИЦА ЈАНЕВА

Тимот од обвинители порачува дека СЈО не е само Катица Јанева. По вчерашната истрага „Рекет“ при која и е одземен мобилниот на шефицата Јанева нејзините колеги гарантираат дека е законски отворен и не е доведен во прашање случајот Империја во кој е осомничен наводно рекетираниот Орце Камчев. Шефицата во оставка денеска не се појавила на работа, и не ги известила дека ќе планира да се повлече од Специјалното обвинителство.

Лиле Стефанова, обвинителката која ја водеше истрагата Империја не стравува дека може да заврши како осомничена во случајот Рекет. Целата одговорност за потпишување на документите во тој случај ја префрли кај шефицата Јанева која дала зелено светло на Камчев да му се укине притворот. Но, Стефанова не одговори зошто ако не се согласувала со Јанева не реагирала и молчела.

Десеттемина обвинители порачуваат дека поставиле стандарди во борба против корупцијата и очекуваат партиите да го имаат на ум тој факт кога на лидерска ќе ја решаваат судбината на СЈО.

Инаку, истрагата Империја беше отворена на 9-ти ноември лани, а вечерта кога сите го чекаа Никола Груевски да оди во затвор, таму заврши бизнисменот Камчев, а по две недели и Мијаллков. Дилеми во јавноста предизвика одлуката пред Нова година тие да ја напуштат Шутка. Потоа следуваше и мистериозна поплава во подрумот на СЈО во која беа опфатени и документите токму за случајот Империја.