Обвинетите за трагедијата во „Пулс” не се чувствуваат виновни, родителите бараат правда, судењето продолжува
Продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со воведни говори на одбраната на обвинетите. Тие во судницата изразија сочувство, а во воведните говори адвокатите на обвинетите поранешни градоначалници на Кочани наведоа дека тие постапувале согласно закон и прописи, а одговорноста според нив за надзор и регулатива е во надлежност на стручните служби.
Ратко Димитровски-поранешен градоначалник на Кочани
„Разбрав дека општината преку службите, бидејќи е ситно тоа брање, незнаејќи за каков субјект се работи одговорила дека на тие парцели може да се паркираат сите па и тие. Истиот ден, кога го разбрав ова и кога го погледанав дописот се обратив до министерството за економија. На овој допис од 19.10.2012 година досега немам добиено одговор.“
Синиша Станковиќ-адвокат на Николчо Илијев, пор. град. на Кочани
„Никој никогаш во поглед на овој објект не поднел барање за било што до општина Кочани или до него како градоначалник, во период од 25.10.2017-8.11.2021година, ниту по усмен ниту писмен пат.“
Љупчо Папазов-поранешен градоначалник на Кочани
„Во оваа судница, како што ветува и самиот почеток ќе бидат изнесени многу аргументи ифакти кои можеби и нема да му се допаднат некому, но ќе бидат првиот чекор или првиот патоказ дека сте на вистинскиот пат кон утврдување на вистината.“
Одбраната на обвинетите градежни инспектори кажаа дека ќе докажат дека причината за големиот пожар не е поради градежни пропусти на структурата на објектот. Инспекторите, според одбраната, не можеле да постапат бидејќи немало пријава или наредба за инспекциски надзор во „Пулс“.
Родителите на починатите деца повторно побараа правда и правично судење, искажаа револт кон обвинетите откако на минатото рочиште сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за она што им се става на товар.
Родител
„Никој од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем треба ние родителите да ги потсетиме, зошто тие се наоѓаат во судницата? Никој од нив немаше ни грам совест ни човечност да ја признае својата вина.“
На обвинителна клупа се 34 физички и три правни лица, обвинети се сопственици, управители, инспектори, екс градоначалници, министри, директори, службеници како и обезбедувачи.
Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинети, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и јавност во судницата во КПУ Идризово. Следното рочиште е закажано за десетти декември.

