Обраќање на претседателот Пендаровски на приемот на УО и членките на МАСИТ
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на приемот на Управниот одбор и на компаниите - членки на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ.
Истакнувајќи дека и годинава, според официјалните податоци, ИКТ индустријата бележи најголем раст и во однос на бројот на вработени и во однос на остварените приходи, претседателот Пендаровски потенцираше дека државата мора да дава поддршка на оваа гранка. Придонесот на МАСИТ во изготвување на Стратегијата МКД 2030, како што посочи претседателот Пендаровски, е уште еден доказ дека оваа индустрија е една од приоритетните области за земјата.
„Не гледам друга индустрија која толку брзо расте и која има таков потенцијал. Затоа Владата, било која и да е, во моментот било кој и да е претседател, мора да ви биде на услуга 24/7“, подвлече претседателот Пендаровски во своето обраќање.
Информирајќи за достигнувањата и напредокот во ИКТ индустријата во земјава, од комората информираа дека овој сектор континуирано се шири. Истовремено, од комората потенцираа дека од година в година во ИКТ индустријата расте бројот на вработени, а бележат и континуиран раст на платите. Тоа, како што, истакнаа од МАСИТ е показател дека и во нашата држава може да има успешни приказни и младите да имаат бенефити и одлични работни услови, исти како и во развиените европски и светски земји.