Објавени номинациите за наградата Златен глобус
Foto

Објавени номинациите за наградата Златен глобус

Објавени се номинациите за наградата Златен глобус. Поради недостаток на големи филмски продукции заради пандемијата, бројни се номинациите од продукцијата на стрим-платформите, како што се Нетфликс, Амазон прајм и Епл.

Златниот глобус е една од најпрестижните американски награди и е главен показател за тоа кои филмови или актер се фаворито за најпрестижната филмска награда Оскар. Пандемијата ги одложи снимањата на сите серии и филмови минатата година, па и Оскарите, кои традиционално се одржуваат крај на февруари или почеток на март, сега се поместени за крајот на април.

Златниот глобус го доделува Холивудското здружение на странски новинари. Виртуелното доделување на 78 издание на наградите ќе се случи на 28 февруари, од Беверли Хилс, со скоро два месеци доцнење во споредба со вообичаениот датум, но сепак пред номинациите за Оскарите. Домаќини на вечерта се Тина Феј и Еми Похлер кои беа во оваа улога и во 2013 до 2015 година.

Стручњакот Крис Бичам, специјализиран за филмски награди, смета дека повеќето номинирани се, некако – „интимни филмови“ – прилагодени за гледање дома. Тој додава и дека жали што големи спектакли, како што се новиот „Џејмс Бонд“ филм или оние на Марвел се одложени, па годинава не се во ниедна трка.

Три жени се номинирани за најдобар режисер на годинашните Златни глобуси, со што за првпат во 77-годишната историја доминираат во однос на своите машки колеги. Клое Џао („Земја на номади“), Реџина Кинг („Една ноќ во Мајами“) и Емералд Фенел („Надежна млада жена“) ќе се борат за признанието, заедно со Дејвид Финчер („Менк“) и Арон Соркин („Судењето на чикашките седуммина“).

 

Менк“, биографскиот филм за сценаристот на „Граѓанинот Кејн“ Херман Манкиевич, ја предводи листата со шест номинации. Следува уште една драма на „Нетфликс“, „Судењето на чикашките седуммина“, со пет.

Во категоријата драма, за најдобар филм се номинирани „Менк“, „Земја на номади“, „Надежна млада жена“, „Татко“ и „Судењето на чикашките седуммина“, додека за најдобра комедија/мјузикл конкурираат „Борат 2“, „Хамилтон“, „Музика“, „Палм Спрингс“ и „Матура“.
 

Чедвик Боузман посмртно е номиниран за најдобар актер во драма за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“, покрај Ентони Хопкинс („Татко“), Гери Олдман („Менк“), Риз Ахмед („Звукот на металот“) и Тахар Рахим („Мавританецот“).

Во женска конкуренција, тоа се Андра Деј („САД против Били Холидеј“), Кери Малиган („Надежна млада жена“), Френсис Мекдорманд („Земја на номади“), Ванеса Кирби („Делови од жена“) и Вајола Дејвис („Ма Рејни: Мајка на блузот“).

Наградите Златен глобус ќе бидат доделени на 28 февруари.

0 Коментари

Остави коментари