Објавена книгата за деца „Голманката и морето“ од Марија Пар

Издавачката куќа „Антолог“ најавува првоаприлски предизвик на социјалните мрежи за сите деца на возраст до 12 години.  Предизвикот ќе трае до 5 април, а идејата е родителите да објавуваат фотографии од своите маскирани дечиња користејќи го хаштагот #маскавоизолација.

Другите правила за учество ќе бидат објавени на профилите на „Антолог“, а најдобрата маска ќе биде избрана на шести април и наградена со најновото издание за деца, книгата „Голманката и морето“ од норвешката авторка Марија Пар.

Македонското издание на книгата е преведено од Искра Бадева, графички уредено од Марко Трпески, а финансиски поддржано од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

„Голманката и морето“ е долгоочекуваното продолжение на „Вафли во форма на срце“ од авторката што ја нарекуваат „новата Астрид Линдгрен“.

Марија Пар е авторка на книги за деца од Норвешка. Нејзиниот прв роман, „Вафли во форма на срце“ е преведен на повеќе од дваесет и пет јазици и ги освои книжевните награди: „Сорсиер“ (Франција) во 2010 година, „Зилферен хрифел“ (Нидерланд) во 2008 година и влезе во потесен избор за добивање на престижната награда „Браге“ (Норвешка).

Според книгата е снимена популарна телевизиска серија за деца на најгледаниот ТВ-канал во Норвешка, а се направени и неколку театарски претстави. Нејзиниот втор роман, „Toње Глимердал“ ја доби норвешката книжевна награда „Браге“, како и „Критикс прајз“ во 2009 година. Марија Пар е магистер по нордиски јазици и книжевност и работи како наставник во основно училиште.

Живее во Норвешка со своето семејство.