Објавена книгата „Никогаш на врвот“ од Паоло Коњети
Foto

Објавена книгата „Никогаш на врвот“ од Паоло Коњети

Издавачката куќа „Македоника литера“ ја објави патопистната книга „Никогаш на врвот“ од италијанскиот писател Паоло Коњети, преведена од италијански  на македонски јазик од Анета Симовска.

Инспирацијата на Коњети потекнува од вистинско патување, тоа е дневник за патешествијата до најголемите земјени височини. На Хималаите. Тоа е раскажување кое е топло и детално опишано, но и илустрирано од самиот автор, за тоа како планинарот ги балансира волјата, напорот и болката предизвикани од планината, како се зборува со тибетско куче, како пејзажот станува драма за телото и за духот. Зашто Хималаите не се предел во кој се навлегува лесно: тие се жива планина, населена, експлоатирана, понекогаш изненадувачка, непредвидлива, сурова, бескрајна, фантастична и мистична.

-„Никогаш на врвот“ ѝ припаѓа на одличната патописна литература, напишана за патувањето во далечниот хималајски регион на Непал – приказна за тоа како еден човек постигнува поголемо самосознание на 4000 метри додека го прави секој следен чекор. Регионот Долпо, застанат во своето минато, го обзема Паоло Коњети со древната планинска култура каде што животот може да биде неодолив, особено за малубројното население кое се плаши од експлоатација, велат од „Македоника литера“.

Книгата ја опишуваат како топла и евокативна приказна за соочувањето со физичките ограничувања, за ерозијата на многу стари вредности, за убавината на некои мали нешта како што е неочекуваната средба со тибетско куче итн., а тоа е, всушност, приказната за наоѓањето на рамнотежата во самиот себе.

Паоло Коњети е роден во Милано, 1978 година. Првпат дебитирал со збирката раскази „Прирачник за успешни девојки“ по што следи „Една мала работа што ќе експлодира“ за која ги добил наградите „Сетембрини“ и „Кјара“. Ги напишал и „Њујорк е прозорец без завеси“ и „Дивото момче“, преведена во тринаесет земји. Потоа ги објавил „Пливачот“, „Сите мои молитви гледаат кон запад“, „На лов во најдлабоките мочуришта“, „Софија се облекува секогаш во црно“, селектирана за наградата „Стрега“ и преведена во многу земји. Неговиот роман „Осум планини“ (ноември 2016) стана интернационален бестселер. Преведен е на триесет и девет јазици меѓу кои и на македонски јазик (издание на „Македоника литера“), добитник е на неколку награди, меѓу кои и наградата „Стрега“ во 2017 година. „Никогаш на врвот“ (2018) е негова втора книга објавена на македонски јазик.

0 Коментари

Остави коментари