Објавен ребаланс на буџетот: Повеќе пари во државната каса, но и повеќе трошоци
Повеќе приходи, но и поголеми расходи. Министерството за финансии денеска го објави новиот ребаланс на буџетот за годинава. Приходите се зголемени за еден процент, што значи дека ќе има околу 57 милиони евра повеќе отколку што беше планирано претходно.
Истото важи и за расходите, кои ќе пораснат за еден процент и ќе изнесуваат 403,7 милијарди денари. Најголемо зголемување на платите од 10 проценти е планирано во Министерството за внатрешни работи. Повеќе пари ќе има за капитални инвестиции, а ќе продолжи и поддршката за општините.
Проекциите за растот на економијата се исти, околу 3,2 проценти, а инфлацијата се очекува да се стабилизира на 2,8 проценти, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Министерката очекува во следните неколку години економијата да расте уште повеќе, а во 2027 година ќе почнат да се повлекуваат пари за изградба на брзата железница. До тогаш јавниот долг по овој основ нема да се зголеми, вели таа. Во ребалансот има и поместувања на пари меѓу министерствата, а министрите се обврзале дека ќе ги реализираат сите планирани проекти.
Јавниот долг до крајот на годината е проектиран на 62,1 процент од БДП, но Димитриеска Кочоска очекува дури и понизок. Сè уште не е одлучено дали пензиите ќе се зголемат со иста сума за сите или покачувањето ќе биде процентуално. Откако Владата го усвои, се чека на пратениците, кои треба да го изгласаат новиот ребаланс на буџетот.

