Објавен е оглас за изградба на државни станови во Битола со почетна цена од 1000 евра

Цената на становите мора да оди надолу, а државата ќе интервенира во тоа. Ова го тврди вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, откако денеска државната компанија за изградба и стопанисување со станбен простор објави оглас за продажба на 65 државни станови, кои се наоѓаат во градба во Битола.

Почетната цена на метар квадратен стан е 1000 евра, што е значително пониско од пазарната цена, која во моментов е актуелна за нов стан. Освен во Битола, наскоро ќе се објават огласи и за другите градови, најавија првиот човек на државната компанија Марјан Стефановски и ресорниот министер Николовски.

Битола е град со голема побарувачка на станови, па затоа продажбата почнува оттаму. Во Скопје е предвидено да се градат 4 комерцијални згради, а во Охрид и во Штип по една. Познавачите на овој бизнис велат пазарот е ги диктира цените, но признаваат дека на овој начин е можно намалување на цените.

- Ако има станови во доволен број, цените може да паднат. Кога државата почна да продава државно градежно земјиште за едно евра по квадрат, цените на големите парцели во индусриските зони паднаа. Треба да има многу градба, за да има пад на цените. Е сега, прашање е колку Владата ќе има капацитет да оствари локациии и такви проекти и да внесе „бум“ во овој сектор. Но, ако се зголеми понудата, цените ќе паднат. Единствениот начин да се намалат цените е зголемена понуда на станови по други цени.

Цената на метар квадратен за нов стан во земјава во последните пет години се зголеми најмалку двојно. Причина за тоа беа неколкуте кризи, кои драстично ги зголемија цените на градежниот материјал. Иако поголем дел од нив во меѓувреме се стабилизираа и паднаа, сепак, цените на становите продолжија да растат. Во Скопје може да се најде оглас, во кој се продава стан за фантастични 5300 евра по метар квадратен.