Обид за филмско бегство од „Идризово“ преку подземен тунел долг 60 метри

Затвореници во Идризово копале подземен тунел од  60 метри со цел да избегаат.

Информацијата денеска во разговор за ТВ 24 ја потврди и првиот човек на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ кој во кратките детали кои ги откри меѓу другото посочи дека веќе на терен имало и крим техника и служби кои работат на расчистување на случајот. 

Одговарајќи на новинарски прашања информацијата ја потврди и премиерот Ковачевски кој пак рече дека институциите дознале за ова и навремено реагирале, а разрешен е и досегашниот директор и именуван е генерал мајор Зоран Јовановски.

Неофицијално, почетокот на тунелот е од шеталиштето на затворениот дел на затворот, а водел до надвор односно до излезот.

Во овој дел на „Идризово“ има затвореници кои издржуваат високи казни, а меѓу нив има и такви осудени на доживотен затвор. Според првичните информации сето ова било правено со месеци, од страна на повеќе затвореници, распоредени во смени.