„Обединети заедно, водиме заедно“ рече Ангела Меркел во нејзиниот последен говор како лидер на владејачката ЦДУ
Foto

„Обединети заедно, водиме заедно“ рече Ангела Меркел во нејзиниот последен говор како лидер на владејачката ЦДУ

Дводневниот конгрес на германските демохристијани во Хамбург го означува крајот на ерата на канцеларката Ангела Меркел. 1001 делегат од владејачката партија во Германија бираат наследник на Меркел, која повеќе од 18 години е на чело на Христијанско-демократската Унија во земјата.

Но, аналитичарите оценуваат дека делегатите нема да изберат само лидер на партијата, туку, избраниот ќе биде и следниот канцелар на Германија. Својот последен говор како лидер на ЦДУ, Меркел го започна со зборовите: „Обединети заедно, водиме заедно“.

„Имам чувство на благодарност, ми беше чест да ја предводам ЦДУ. Сега е време да отвориме ново поглавје. Нашата партија е различна од онаа во 2002, и добро е што е така. Во 2018, ЦДУ има право да ја гледа иднината со нова структура, но со итите вредности кои ги застапува“ - изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија.

Меркел постести дека во последните 70 години, од повоена Германија, демохристијанскиот блок е на власт 50 години и дека има намера и понатаму да продолжи да води грижа за државата и за своите граѓани.

„Ние имаме сила да победуваме на избори ако решително и обединето ја водиме борбата“ - вели Меркел.

Главната борба за нов лидер на партијата се очекува да се води меѓу тројца кандидати – актуелната генерална секретарка на партијата Анегрет Крамп Каренбауер, поранешниот координатор на пратеничката група на демохристијаните во Бундестагот, Фридирх Мерц и министерот за здравство Јенс Спан.

Крамп Каренбауер, која во германската јавност е позната под прекарот АКК, е близок соработник на Меркел и поранешен премиер на сојузната покраина Сарланд.

Многумина сметаат дека ако таа ја наследи Ангела Меркел, најверојатно и ќе дозволи канцеларката да го „отслужи“ целиот мандат до 2021 година, но доколку Мерц го преземе раководењето со партијата, не е исклучено тој да предизвика предвремени парламентарани избори уште идната година, на кои би бил кандидат за канцелар и со тоа „предвреме“ би ја пензионирал актуелната канцеларка.

Каков и да биде исходот, одлуката ќе одекне не само во Германија, туки и во целата Европска Унија и воопшто во светот, пред се поради силната економска позиција и огромното влијание што го поседува Германија на меѓународната сцена.

0 Коментари

Остави коментари