Новото име „Република Северна Македонија“ стапува на сила вечерва
Foto

Новото име „Република Северна Македонија“ стапува на сила вечерва

Од денеска влегува во сила Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот за Безбедност, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратегиско партнерство меѓу страните, соопштија од македонската Влада. Во сила, како што соопштуваат од Владата, од денеска влегуваат и амандманите на Уставот на Република Северна Македонија. Со тоа, како што велат, почнува извршувањето на обврските кои произлегуваат од Конечната Спогодба и Уставните амандмани. Министерството за надворешни работи на Грција доцна попладнево ја испрати Вербалната нота до македонското МНР, потврдија грчки дипломатски извори. Со тоа официјална Атина го известува Скопје дека ги заврши обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа, односно дека ги ратификуваше и договорот и Протоколот за членство во НАТО. Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров на Твитер потврди дека конечно се разменети вербалните ноти.

„Преспанскиот договор влегува во сила! Денес може да биде почеток на долго пријателство меѓу Грција и Северна Македонија. Не можеме да го промениме нашето минато, но можеме да ја обликуваме нашата иднина на пријателство, партнерство и соработка“.

Словенечкиот парламент денеска на вонредна седница, го ратификуваше Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. Со тоа, Словенија стана втората земја-членка на Алијансата, која по Грција, го ратификува Пристапниот протокол во НАТО. На седницата, пред гласањето, се обрати претседателот на македонското Собрание Талат Џафери.

„Самиот процес кој во суштина го води Брисел, вие веќе сте го поминале и добро го знаете. Ние се надеваме дека до крајот на оваа година протоколот за полноправното членство во НАТО што минатата година свечено беше потпишан во Брисел од страна на 29-те амбасадори на државите членки, ќе биде ратификуван во сите 29 национални парламенти.“- изјави Талат Џафери – претседател на Собранието на РМ.

Според најавите од Тирана, в четврток пристапниот Протокол треба да биде ратификуван и од албанскиот Парламент. Проширувањето на НАТО кон земјите од Западен Балкан ќе ја зајакне Алијансата и ќе помогне за стабилизација на регионот, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„НАТО имаше клучна улога во решавање на тие конфликти, во запирањето на војните и во стабилизацијата. Се уште постојат многу предизвици и проблеми, но е многу охрабрувачки дека имаме членки како што се Хрватска, Албанија, Црна Гора и идната Северна Македонија“. - изјави Јенс Столтенберг – денерален секретар на НАТО.

Утре во Брисел на маргините на Самитот на министрите за одбрана на НАТО, средба треба да одржат министрите за одбрана на Македонија и на грција, Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис.

0 Коментари

Остави коментари