Новоизбраниот бугарски парламент оддржa конститутивната седница
Десетина дена после парламентарните избори, прва седница на новото бугарско собрание. Со 137 гласа „за“ парламентот ја избра Ива Митева од „Има таков народ“, партијата која освои најмногу гласови на изборите, за нов претседател.
Митева беше претседател и во претходниот состав на собранието, а на позицијата дојде со помош на гласовите пратениците од редовите на Движењето за права и слободи. ГЕРБ и БСП беа воздржани.
„Силен парламент значи директен контакт со народот и постојано барање одговорност од членовите на Советот на министри. Ние мора да вложиме максимални напори да се осигураме дека принципите на владеењето на правото се целосно спроведени.“ - изјави Ива Митева претседател на бугарското собрание.
Привремениот премиер, Стефан Јанев се надева дека за брзо време ќе се формира функционална влада а со ист став е и претседател, Румен Радев. Откако се конституираше новото собрание, Радев сега ќе ги почне политичките консултации со партиите.
„Задачите и пораките се исти, како и пред три месеци. Бугарија не може да си дозволи да губи историско време, мора да имаме кабинет со широка парламентарна и јавна поддршка.“ - изјави Румен Радев претседател на Бугарија.
И спорот меѓу Скопје и Софија се најде пред пратениците. Првиот човек на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов, во говорот порача дека Софија мора да најде решение на спорот со Македонија.
„Овој парламент треба да го брани бугарскиот национален интерес во однос на Македонија, да ја брани вистината, но и да најде начин заедно да станеме членови на европското семејство.“ - изјави Христо Иванов претседател на партијата „Демократска Бугарија“.
На изборите кои се оддржаа на 11-ти јули, мнозинство пратеници осдвои партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов а веднаш зад нив заврши ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов.