Ново задолжување за раздолжување
Владата одлучи, министерството за финансии веќе ја започна постапката за новото задолжување од меѓународниот пазар од 1,3 милијарди евра. Станува збор за задолжување што треба да се реализира во текот на 2027 година.
Од кабинетот на министерката Гордана Кочовска Димитриевска за ТВ 24, велат дека парите меѓу другото ќе бидат наменети и за финасирање на буџетскиот дефицит за наредната година.
Министерство за финансии
- Средствата ќе бидат наменети за финансирање на буџетскиот дефицит за 2027 година и отплата на обврските што достасуваат по основ на претходни задолжувања, вклучително и за Еврообврзницата издадена во 2023 година, а достасува во 2027 година. Предвиденото задолжување е согласно Фискалната стратегија и Стратегијата за јавен долг. Јавниот долг пак согласно последните објавени податоци заклучно со 30 јуни 2026 година изнесува 58,8% од БДП и забележа намалување од 0,1 п.п. во споредба со нивото на јавниот долг во првиот квартал од 2026 година.
Дојдоа на власт со ветување за намалување на јавниот долг, а го зголемија за 21 %, обвинија од Левица - осврнувајќи се и на новото задолжување од 1,3 милијарди евра на меѓународниот пазар.
Светската банка и Фискалниот совет со години укажуваат на фискалните ризици поврзани со потребата тие да бидат земени предвид при оценувањето на реалната задолженост.Во меѓувреме, Владата продолжува да ја продава приказната за Македонија како „економски хаб“, велат од Левица.
Левица
- Товарот од ваквата политика не исчезнува со ново задолжување, туку се префрла во иднината. Колку повеќе средства се издвојуваат за камати и отплата на стари долгови, толку помалку простор останува за здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура и производни инвестиции. ММФ. Наместо структурни економски реформи, граѓаните добиваат нови долгови и сè поголем трошок за нивно сервисирање“,
Одлуката за преземање нов долг беше остро критикувана и од страна на СДСМ, кои обвинија дека парите се земаат за избори, додека државната каса е празна.
За премиерот Мицковски пак македонската економија во второто тримесечје од годинава забележала реален раст од 4,3 проценти.Изминативе два месеци се охрабрувачки затоа што инфлацијата е за 50 % пониска од европското ниво и тоа е охрабрувачки, смета Мицковски.
Според официјалните податоци за 2026 година, јавниот долг е над 10,7 милијарди евра или близу 60 % од БДП. Ако се пресмета пак нето надворешниот долг по глава на жител излегува дека секој граѓанин во земјава должи по 2620 евра.
На крајот на јуни Македонија кон странство имала долг од 4 милијарди и 763 милиони евра. За само три месеци сумата пораснала за уште 30 милиони евра.

