Ново задолжување од 35 милиони евра

Ново задолжување, овој пат од техничката влада. Според информациите од Македонската берза, со издавање на две нови државни обврзници владата ја задолжува државата за близу 35 милиони евра. На десетти овој месец техничката влада издала две обврзници.

Едната доспева за две години, а втората за 15 години. Двегодишната државна обврзница е со вредност од 18 милиони евра. Номиналната вредност е 10 илјади денари, а  каматната стапка е 3,8 проценти. Датумот на достасување е 10 мај 2026 година. Петнаесетгодишна обврзница пак достасува на 10 мај 2039 година.  Вредноста на емисијата е речиси 17 милиони евра. А за неа каматната стапка од 5,6 проценти.

„Ве известуваме дека согласно поднесено барање од страна на Министерството за финансии на Република Северна Македонија за котација на државни обврзници, почнувајќи од 17.05.2024 година на Официјалниот пазар на подсегментот Берзанска котација ќе бидат примени на котација државните обврзници.“ - Македонска берза.

Од почетокот на годинава државата се задолжи со 240 милиони евра. Изостана информацијата за што ќе се трошат тие пари. Фискалните правила на Законот за буџет велат дека се дозволува нивото на јавен долг да оди најмногу до 60 отсто од БДП. 

Критериумите на Светска банка за нивото на јавен долг велат дека, државите што се задолжени до 60 отсто од Бруто домашниот производ влегуваат во категоријата на умерено задолжени земји. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека долгот на Македонија изнесува 62.1 отсто а тоа според меѓународната финансиска институција не става во категоријата високо задолжена држава.

Неколку годишната континуирана криза ги принуди властите на непланирани задолжувања се со цел да се пуштат свежи пари во стопанството и за мерки за граѓаните. Информациите велат дека во последниве три години јавниот долг е зголемен за дури три милијарди евра, и тој сега изнесува нешто над  8,3 милијарди евра.

Од ВМРО-ДПМНЕ како гласни опозиционери со години ја обвинуваа владата на СДСМ и ДУИ дека на заемјава и се подготвува грчко сценарио, и државата ќе банкротира. Сега, кога се поизвесно е дека истата партија ќе формира влада, веќе најави дека ќе се задолжи со една милијарда евра, како финансиски пакет со ниска камата а парите ќе ги искористи за развој на македонската економија.