Ново рочиште за „Пулс“ - родителите на загинатите контра можноста за пуштање на Јованов на слобода

Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов, во случајот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ - најави дека се уште се собира имотот и ќе се прецизира во текот на неделата, затоа што на трети октомври истекува мерката притвор.

Побара дозвола од судот, нотар да го посети Јованов во притвор за да се завери изјавата за согласност. Адвокатката Коцевска, изјави дека не негираат одговорност кај Јованов, но вели дека делото не може да е направено со умисла, туку само од небрежност.

Ивана Коцевска-адвокатка на Дејан Јованов

„Притворот по сила на законот, не може да продолжи-одбраната не е виновна за тоа. Така предвидува законот. Гаранцијата сметам дека ќе биде доволна за да можеме понатамуд а го истераме целиот судски процес. Ние не ја негираме одговорноста која што постои кај Дејан Јованов. Кај Дејан Јованов де факто постои одговорност, но не на начин на којшто тоа е срочено во обвинението, гарантираме дека ќе биде достапен и бараме да се дозволи да се почитува правото и на фер начин да се утврди негова одговорност.“ 

Родителите на загинатите деца потенцираат дека нивните деца заслужуваат правда да излезе на виделина.

Александар Наунов-родител

„Ние веќе 40то рочиште во оваа судница. По шест часа упорно следиме се. Ние веруваме во Обвинителството и Судот. Имаме доверба во нив. Не смееме постапката да ја одолговлекуваме. Нашите деца заслужуваат правдата да излезе на виделина, бидејќи цело Кочани е зваиено во црно.“

Судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, продолжува следниот месец.

Од Здружението „16ти Март 2025“ го најавија 49 Марш на ангелите за в среда, во Кочани.  Оттаму ги повикуваат сите граѓни за споменот на загинатите во „Пулс“, за правда и никогаш повеќе да се повтори слична трагедија.