Ново издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола

Со претставата „Д (Како Дездемона)“ во изведба на Скопје танцов театар, вечер во Битола почнува 26. издание на интернационалниот фестивал за монодрама на кој годинава ќе се натпреваруваат две домашни и осум монодрами од странство.

Фестивалот годинава се одржува под мотото „Еден збор, еден свет“ кое според домаќините, НУ Центар за култура-Битола, може да биде почеток на приказна, на живот, на сцена што оживува, а може да биде и експлозија на емоции, радост, тага, љубов.

-Во рамки на фестивалот, освен натпреварувачки ќе има и дополнителни содржини, работилница за деца, промоција на монографија „25 години Интернационален фестивал на монодрама“, во Битола ќе гостува и професорот Роналд Ранд кој ќе зборува на тема „Уметност на трансформација“, како и професорот Сашо Димоски кој ќе зборува на панел дискусија „Монодрамата како мост меѓу културите“, посочи Влатко Илиевски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

Според востановената традиција, стручно жири во кое членуваат Рисима Рисимкин од Македонија, Емре Ердем од Турција и Лаша Чкартишвили од Грузија, на крајот од фестивалот, на 23 мај ќе додели награда Гран при за најдобра монодрама, награда за најдобра режија и најдобар актер на Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2025“.