Ново издание на „Галичка свадба“ во недела на 14 јули

Зурли и тапани ќе ечат и ќе се вијат ора овој викенд во живописниот Галичник. Со „фрлање“ на три пушки, виорење и поставување на свадбениот бајрак од страна на побратимот, на 13јули вечерта започнува свадбениот обред на Галичка свадба.

„Вие си имате момче за женење, мие момиче за можење. Елате у нас, да ѝ венчаме, да се ќердосает“, под овој слоган ќе се одржи годинешното издание на автентичната културно-сценска манифестација.

Овој викенд живописниот Галичник, ќе биде во фокусот на илјадници домашни и странски посетители кои ќе присуствуваат на Галичката свадба, односно грижа и негување на културното наследство. Судбоносното „да“ ќе го кажат Стефана Димитрова и Даријан Кочоски.

„Многу сум среќна, возбудена, чест ми е што оваа година, јас и Даријан ќе бидеме галички зет и невеста. Верувам дека правилно ќе ја почувствуваме и пренесеме галичката традиција која што ни е оставена во наследство од нашите предци и не треба да дозволиме истата да ја искорениме. Јас потекнувам од селото Галичник, од фамииите Чаловски и Веновски, двете мои баби таму се родени. Ова е десетта година по ред како се облекувам во носијата на мојата прабаба Докија Чаловска, оттаму произлезе и чувството на припадност и да се развие желбата со Даријан да се венчаме во црквата „Св. Петар и Павле“. Ова беше моја желба, а многу поважно е кој ми ја исполни желбата, многу сум му благодарна на Даријан што уште еднаш ми докажа што значи вистинска љубов и разбирање.“ - вели Стефана Димитрова галичка невеста.

„Ми претставува особена чест и задоволство што сум дел од Галичката свадба, пред се' како младоженец и најважно од се' што ја чуваме македонската традиција. Благодарност до МЗ Галичник, што направи добар избор и не' одбра.

Автентични обичаи и ритуали, изворни песни ора, народни носии чувани со децении, негување на фолклорот и народното творештво-манифестацијата се одржува благодарение на интересот кај новите генерации, потенцира Александар Костиќ од МЗ Галичник.

„Најпозитивно, при подготовките на манифестацијата е што по толку децении, не спласнува интересот на младите да бидат дел од обредите, туку напротив секоја година расте. Тоа е посебен знак дека успеавме во нашата мисија да ги одржиме витални нашите обичаи и вредностите на традицијата која сме ја наследиле и ја пренесуваме на следните генерации.“ - вели Александар Костиќ – МЗ Галичник.

Викендов ќе се спроведе и куќен ред за непречено одржување на манифестацијата, со што се апелира до сите посетители истиот да се почитува, посетителите да се веселат одговорно кон себе и другите. Во 1962 година, иницијативниот одбор донел одлука да се формира нова културно-туристичка манифестација. Првата Галичка свадба била одржана во 1963 година, а според очевидци, имало илјадници луѓе како публика.