Новиот снег ги предизвика старите главоболки
Снегот кој падна викендов, продолжува да прави проблеми. Жители и туристи заглавени кај селата Леуново и Никифорово. Специјално возило е испратено да ги расчисти поатиштата и да им помогне на жителите кои се оставени и без електрична енергија.
„Нема струја, нема пат, од дома човек не може да излезе 10 метри да помине по снегот. Не дај боже, еве овде има повеќе постари луѓе, жители што се тука, не дај боже нешто да се случи. Има дојдено и некои гледам со возила се туристи и тие се заглавени. Од петокот уште. Обично го чистат но не влегуваат тука во селото, многу ретко, треба да ги молиш.“ - Владо Анастасовски жител на с.Никифорово.
Непрооден е и патот кон селата Танушевци, Брест и Малино. Од Центарот за управување со кризи велат дека екипи на Јавното Претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта се на терен и работат на расчистување.
„Патот до село Бродец е прооден, додека кон селата Танушевци, Брест и Малино има снег и ветер и патот е непрооден. Известени се ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, од каде добиле информација дека екипите се на терен и работеле на расчистување. Со расчистување на овој патен правец ќе се продолжи во текот на денешниот ден.“ - Центар за управување со кризи.
И од ЕВН потврдуваат дека снегот предизвикал проблеми на електродистрибутивната мрежа во неколку градови низ Македонија.
„Силните врнежи од снег посериозно ја погодија дистрибутивната мрежа во реонот на Битола, демир Хисар, Кичево, Македонски Брод, Гостивар. Дефекти настанаа на среднонапонска и нисконапонска мрежа.“ - ЕВН.
Од автомото сојузот велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот. Сите патни правци се проодни без забрани и ограничување.
Од Управата за хидрометеоролошки работи пак најавуваат дека од среда, кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места, повторно ќе врне снег.