Новиот министер со “врзани раце” за проблемите во здравството

Изборите ќе ги стопираат вработувањата и покачувањето на платите во здравството. Наместо трајни вработувања како што им беше ветено, медицинските сестри, техничари и административци повторно ќе добијат договори на дело.

Новиот министер за здравство Илир Демири вели дека поради предизборниот процес постапките се ставаат во мирување. Пари и согласности имаат обезбедно, но вработувањата ќе се реализираат по изборите.

„Сега сме во период на предизборие, нема да го прекршуваме законскиот правилник што го одредува државата. Вчера е реализрано сите здравствени работници кои работат во здравствениот сектор да продолжат со договори на дело, после изборите обезбедни се средства од Министерство за финансии и Владата и ќе се пристапи кон отворање на конкурси и ќе бидат истите вработени.“ - вели Демири.

Иако вработувањата беа најавени уште пред нова година, досега огласи за вработување објавија само болниците во Тетово и Гостивар. Огласот во Гостивар резултираше со барања за поништување поради непочитување на балансерот, но и поради снимка која беше објавена, а на која се слуша како директорот добивал партиски наредби кои лекари да ги вработи.

Министерот рече дека за овој случај веќе формирал комисија и порача дека никој не смее да биде над законот.

„Јас веќе одредив комисија да оди во гостиварската болница да се провери и доколку има неправилности ќе се постапи според законските прописи. Никој во државата не е над законот. Тоа е мојот став.“ - рече Демири.

Демири денеска ја одржа првата прес конференција како министер за здравство. Со неговиот претходник Фатмир Меџити не направиле примопредавање на функцијата, но Демири вели дека и покрај тоа, сите проекти коишто се базираат на факти и се од важност за граѓаните ќе ги продолжи додека тој е на функција. Демири е петти министер во здравството во изминативе седум години.