Новинарски здруженија и синдикати: Нема слобода без одговорност
Foto

Новинарски здруженија и синдикати: Нема слобода без одговорност

„Вербалните напади и притисоци на новинарите креираат клима на страв, а долгогодишната култура на неказнивост во земјава, продолжува и натаму“, критикува организацијата „Репортери без граници, во најновиот извештај за слободата на медиумите во светот. Нашата држава бележи скок од 14 места на ранг-листата за слободата на печатот. Сепак, на терен, не се работи така слободно.

Вчерашниот инцидент во Арачиново, каде вербално беше нападната екипата на Тв21, додека снимала анкета за инфраструктурните проблеми во Општината, го осудија сите новинарски здруженија, агенции, синдикати и политички партии, а осуди стасаа лично и од градоначалничката. Според новинарите пак, нападот, уште еднаш ја покажа потребата од правни измени и обезбедување законска заштита на работата на новинарите.

„Ние во Синдикатот одамна бараме секој напад на новинар или на екипа да биде оквалификуван како напад на службено лице, што во превод значи дека казните би биле зголемени драстично во однос на она што се случува сега, но не само што не е така, поголемиот дел од инцидентите на некој начин се сокриваат, одложуваат и се претвараат од кривични во прекршочни пријави.“ - вели Ѕвездан Георгиевски – В.Д претседател на Синдикатот на новинари и медиумски работници.

Освен правна заштита, недостига и политичка волја и култура, потенцираат новинарите. Според Здружението на новинари, медиумските реформи течат бавно, особено кај јавниот сервис, кој и според анализата на „Репортери без граници“, се уште работи пристрасно.

„Мислам дека некои структури во Македонија им фали времето кога новинарството беше потчинето. До некој степен можеби тоа е и работа на политичка култура, можеби треба да почекаме некое време едноставно да се создаде повисока политичка култура која ќе не качи на скалилата на Репортери без граници, вака сега може само да се тешиме дека Бугарија е полоша или некои други земји, но тоа не е за утеха.“ - вели Слободанка Јовановска - ЗНМ.

За неказнивоста на нападите на новинарите, сведочат и извештаите на Здружението на новинари и ОБСЕ, кои иако во последниве две години нотирале тројно намалување на бројот на напади, сепак, и тие заглавиле низ судските лавиринти. Праксата на неказнивост гласно ја критикува и Европската Комисија во последниот извештај за земјава, каде потенцира дека не е доволно власта само да ги регистрира и осуди нападите, туку да ги истражи и санкционира.

0 Коментари

Остави коментари