Новинарите на протест поради пресудата против ИРЛ
Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денес излезе на протест поради пресудата против ИРЛ. Од ЗНМ за протестот велат дека се однесува на судската пракса која беше воведена со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија каде што судот си одреди улога да решава кој смее, а кој не смее да работи како новинар.
ИРЛ беа осудени за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата „Брако“ за емисијата „Заговор против воздухот“. Во образложението на пресудата судијката, Јованка Спировска Панева, наведува дека истражувањата на ИРЛ не смееле да се публикуваат пред граѓаните, туку требало исклучиво да се користат за внатрешна едукација на вработените. Таа го отфрли исказот на уредничката на ИРЛ Сашка Цветковска со образложение дека таа и ИРЛ не се новинари и медиум.