Нови рестрикции во Србија

Од вечерва на полноќ до понеделник во Србија нема ништо да работи, освен продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи. се воведуваат мерките кои важеа за време на викендот.

Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека ова е компромисно решение затоа што мерките ќе важат пет дена, иако Кризниот штаб побара тие да бидат најмалку 14 дена.

"Нема полициски час, нема забрана за движење, храна, аптеки, пумпи, сè што е потребно за повеќе или помалку нормален живот ќе работи. Треба дополнително да го забавиме животот во Србија за да видиме дали бројот на новоинфицирани е во стагнација. Ова е пред се поддршка за  здравствените работници и за здравствениот сектор.“ - изјави Ана Брнабиќ - премиерка на Србија.

Се зависи од нас, односно дали овие мерки ќе бидат продолжени, рече Брнабиќ. Таа повика на максимална дисциплина и разбирање за состојбата бидејќи здравствен сектор работи во  тешки околности веќе една година. Епидемиологот д-р Предраг Кон по седницата на Кризниот штаб рече дека ова решение не е доволно. 

„За пет дена нема да ги видиме ефектите од мерките. Ова е компромис повеќе заради економскиот ефект. Одлуката не задоволува ниту една страна, но ми се чини дека мерката е конструктивна во овој момент.“ - изјаи д-р Предраг Кон - епидемиолог.

Иако Србија е водечка во регионот по бројот на вакцинирани и ревакцинирани лица, таму  секојдневно се зголемува бројката на новозаразени и починати од Ковид 19. Досега во Србија над 791 илјада граѓани ги примиле двете дози вакцини.

И Црна Гора, поради алармантната состојба е пред затворање. Минатата недела министерството за здравство донесе нови епидемиолошки мерки, кои вклучуваат заклучување на 11 градови и општини, а нови се најавени за утре. 

Во Софија пак се очекува да бидат затворени сите објекти, поради зголемување на бројот на заразени со Ковид 19. 

„Веројатно ќе се затворат моловите, рестораните, училиштата, детските градинкии сите културни објекти во Софија. Доколку предлогот помине, се очекува мерките да се применуваат наредната недела.“ - изјави Данчо Пенчев, здравствена инспекција на Софија. 

Предвидено е затворањето на објектите да биде во траење од 14 дена.