Нови провокации на европратеникот Ангел Џамбаски

Нема да дозволам денационализација на Бугарите во Македонија рече денеска гласно на мегафон во центарот на Скопје, бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски.

Поводот беше чествувањето на 95-годишнината од смртта на македонската револуционерката Мара Бунева, при што беше положено цвеќе на нејзината спомен-плоча на кејот на Вардар. Џамбаски со мегафон се обрати пред стотина поддржувачи на делото на Бунева, кои дошле да оддадат почит.

„Тука сум да ги поддржам Бугарите. Нема да ги оставам да продолжи политиката на геноцид, наложена од Комитерната. Нема да дозволам продолжување денационализација на Бугарите во Република Северна Македонија.“ - рече Џамбаски

Претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов со неколку видеа на социјалните мрежи се пофали дека стотици Бугари ја преминале македонската граница за да им се приклучат на Бугарите од Македонија на чествувањето на македонската револуционерка Мара Бунева.

„Обединети и организирани ние можеме да бидеме лидерите на Балканот. Јас сум заглавен на граница и не можам да ја поминам но среќен сум од тоа што го видов. Среќен сум што сме обединети, макар на еден ден за Мара, вели Стојанов.“ - се огласи Стојанов.

Со зборовите „Вечна памет на Мара Бунева“ и „Да живее Бугарија! Македонија е бугарска!“ бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски и членовите на бугарската Фондација „Македонија“ денеска го организираа претходно најавениот настан за одбележување на денот кога била убиена Бунева.

Во последните неколку години бугарски здруженија се собираа пред спомен-плочата на Мара Бунева од Тетово која го извршила атентатот врз државниот обвинител на Србија, Велимир Прелиќ на 13 јануари 1928 година.