Нови остри тонови од Софија кон Скопје
Foto

Нови остри тонови од Софија кон Скопје

- Не сакам Македонија да остане надвор од Европската Унија, но не може да продолжи таложењето омраза кон Бугарија со генерации таму, вели бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за „Клубз. бг.

Според неа антимакедонскиот однос и националната реторика не се дел од предизборното милје во земјата. Таа ги отфрла критиките дека со блокадата на Македонија во преговорите со ЕУ му помагала на Кремљ, тврдејќи дека Русија не била против влегувањето на балканските земји во Унијата, како што била против членството во НАТО. 

„Ова е голема разлика меѓу овде и таму. Таму можете да победите на избори со антибугарска реторика. Во Бугарија може да има одобрување на нашата позиција, но тоа не значи дека само поради оваа причина некој може да победи на избори. Во Бугарија, фала му на бога, изборите не се добиваат со спротивставување кон соседите.“ - вели Захариева.

И лидерката на Бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова смета дека Република Северна Македонија не може да стане членка на Европската унија за сметка на бугарските национални интереси.

„Ние треба да ги заштитуваме категорично националните интереси.“ - вели Корнелија Нинова – претседателка на БСП. 

Министерот за надворепни работи Бујар Османи во интервју за белгискиот весник „Ла Либр“, вели дека нема друга алтернатива освен членство во Европската Унија. Ветото од Софија предизвика разочараност, нагласува Османи и додава дека со Софија може да се дебатира за историјата, не од перспектива на ревидирање на идентитетите, туку од аспект на едукативна перспектива во насока на отстранување на стереотипите.

„Комисијата за две и пол години постигна договор за два временски периода и пет историски личности. Ова е чекор напред, имајќи предвид дека во текот на изминатите три децении, двете земји не беа во можност да се договорат за една реченица, за тоа како да се опишат историските настани и личности. Ова е добра основа за да истраеме.“ - вели Османи. 

Османи потсетува дека Договорот за добрососедство, што Скопје и Софија го потпишаа во 2017 година, предвидува дека Бугарија ќе ги поддржува евроатлантските интеграции на Северна Македонија.

0 Коментари

Остави коментари