Нови црни рекорди на починати од ковид 19 - има ли системски слабости во третманот?
Foto

Нови црни рекорди на починати од ковид 19 - има ли системски слабости во третманот?

Почина 19 годишна девојка од Битола, која вчера била хоспитализирана со симптоми на КОВИД. Од битолската болница за ТВ 24 велат дека девојката која имала и Даунов синдром, била примена во тешка здравствена состојба, со ниска сатурација и со симптоми на вирусот, но починала, пред да и биде земен брис за тестирање. 

„Пациентката беше прв пат донесена вчера, во тријажен центар, а од таму веднаш беше испратена во ковид центарот со ниска сатурација, давана беше терапија, се преземаа реанимациони мерки, но за неколку часа почина и не успеа да се земе брис, но клиничката слика упатуваше на КОВИД инфекција.“ - вели д-р Билјана Гагачовска - директорка на ЈЗУ Клиничка Болница - Битола. 

Пораст на бројот на помлади пациенти се регистрира и во КОВИД Центарот во ГОБ „Осми септември“. Раководителката на инфективното одделение вели дека во овој бран се помлади лица и без претходни заболувања развиваат тешки симптоми на вирусот, поради што им е потребно и болничко лекување, а најмладата пациентка која е хоспитализирана има 29 години. 

„Овој бран за жал се јавува и кај помлади лица без коморбидитети и се разликува клиничката слика, која е нешто поизразена и потешка, масовни пенвмонии се развиваат кај некои пациенти дури и неколку дена по развој на инфекцијата, многу брзо и со многу драматчна клиничка слика.“ - вели др Маја Дуганова - паководителка на Инфективно Одделение „ГОБ Осми септември“.

Со 51 починат, Македонија вчера регистраше нова рекордна статистика на жртви од коронавирусот. Според д-р Дуганова една од причините за високата смртност е што дел од пациентите и натаму доцна бараат лекарска помош. 

„Имаме два типа на луѓе, едни веднаш бараат помош, друг тип на луѓе се уште не веруваат се уште во висурот и седат дома и не барааат помош и кога драматично ќе се влоши состојбата, тогаш доаѓаат за помош, а тогаш е веќе доцна, така што повеќе фактори се и заради тоа кај некои не можеме да успееме и покрај сите адекватни мерки дадени не успеваме да ги спасиме.“ -  вели др. Дуганова.

Последниот извештај на  Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 29 март до 04 април покажува зголемување на смртноста за дури 27% во споредба со претходната недела, како и зголемување на бројот на хоспитализации за речиси 10%.

Според податоците на министерството за здравство зголемен е бројот на приеми во болниците. Во моментов 679 пациенти се лекуваат во инфективните одделенија во главниот град, а 144 се хоспитализирани во ГОБ Осми септември.

0 Коментари

Остави коментари