Нови 15 дијагностицирани, тројца починати, бројот на заразени со КОВИД-19 достигна 570
Foto

Нови 15 дијагностицирани, тројца починати, бројот на заразени со КОВИД-19 достигна 570

Во изминатите 24 часа се регистрирани 15 нови случаи на пациенти со коронавирус  во земјава: четири во Скопје, осум во Куманово и по еден во Тетово, Струга  и Штип. Со тоа вкупниот број на дијагностицирани достигна 570. На Инфективната клиника починаа тројца пациенти – 40-годишен жител на Кочани, без познати минати заболувања, примен на 29 март, и двајца тетовци – 69-годишен човек кој имал тумор на мозокот и 65-годишен без познати други минати заболувања.

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција соопшти дека иа Инфективната клиника до утрово се примени десет нови пацинети и сега вкупно се хоспитализирани седумдесет, од кои осум се пациенти на механичка вентилација и десет се со потешка клиничка слика, а останатите се со среднотешка манифестација на болеста.

Од Клиниката денеска заминуваат четворица пациенти, нивните два контролни теста на коронавирус се негативни. Од Дебар се стигнати резултати и на три лица кај кои по два теста се негативни на вирусот и се оздравени, а биле на домашно лекување во коориднација со локалната болница.

Во ГОБ „8 Септември“, рече Филипче, вчера се примени четири пациенти и за денес се чекаат резултатите, а двајца во оваа болница се на респираторни машини.

Во болницата во Битола е хоспитализиран еден пациент, но во тек е трансфер на сите пациенти кои претходно беа хоспитализирани во болницата во Охрид, по вчерашниот договор Битола да биде регионален центар, и сите кои се лекуваа во Охрид, а кои сега се пренесуваат во Битола, се од околината на Струга.

Во Штип се хоспитализирани четворица пациенти од кои тројца во сосема лесна клиничка слика и во стабилна здравствена состојба.

Досега 570-те дијагностицирани по градови се од Скопје, Куманово, Дебар, Штип, Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка, Радовиш, Крушево и во Кочани.

Новодијагностицираните се потврдени од направени вкупно 202 теста. Просекот во изминатиот период на ден изнесува 350. Намалениот број, рече Филипче, се должи на тоа што во недела се намалени капацитетите во однос на дежурства и луѓето што работат во лаборатории, а од денес продолжува истиот просек на направени тестови. 

-Епидемијата постепено го смени текот. Ова е фаза во која очекуваме бројот на пациенти да расте и затоа денеска Владата донесе нови мерки. И досега дел од граѓаните не ги почитуваа доследно мерките, а за новите мерки за рестрикција на движењето се земаа повеќе фактори – празниците кои се пред нас, како и убавото време. Само социјалната дистанца ќе стави крај на патот на ширење на вирусот. Тоа сега ни е најпотребно во интерес на нашето здравје и на нашите блиски, рече Филипче, апелирајќи да се почитуваат мерките зашто само така ќе се надмине заразата и здравствениот систем ќе остане стабилен.

0 Коментари

Остави коментари