Новата влада на Германија планира преполовување на бројот на работни мигранти од Западен Балкан
Во коалицискиот договор на новата демохристијанска-социјалдемократска влада на Германија планирани се ограничувања на регулативите за Западен Балкан. Досега Германија дозволуваше прием до 50.000 неквалификувани работници годишно. Овој број сега е преполовен на 25.000.
Вчера претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц и веројатен иден германски канцелар во Берлин го претстави коалицискиот договор на идната влада и порача дека договорот е силен сигнал за германија и за Европската Унија.
Миграциската политика е една од клучните теми во земјата заради финансискиот товар врз општините и министерството за социјала. Според коалициската спогодба, интеграцијата на шесте земји од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија, во ЕУ се смета за заемен стратешки интерес. Поради тоа, Берлинскиот процес, иницијатива на поранешната канцеларка Меркел, останува активен како платформа за земјите од регионот и јасна и одржлива перспектива за интеграција и членство во ЕУ.