Новата стратегија за проширување на Унијата, Македонија чека

Францускиот „нон пејпер“ во рацете на Бујар Османи. Од прво читање воочливи позитивни седум точки, меѓу кои реверзибилноста која може да биде позитивен стимулс во одржување на фокусот и во забрзување на процесот.

Ваквиот став на Османи доаѓа од денешната средба со францускиот амбасадор во земјава, Тимоние со кого разговарале за новата методлогија за прием во ЕУ. Османи потенцираше дека во оваа методологија се дава само рамката како треба да изгледа новиот пристап, но не и динамиката. Нон-пејперот според Османи покажува дека нема друга алтернатива за членството во ЕУ.

Францускиот амбасадор Тимоние на ставот дека Франција е во исчекување на реакциите кои ќе произлезат од нон-пејперот од сите земји-членки, но и земјите кандидати.

„Првичната реакција е позитивна и се надевам дека ако ваквото позитивно расположение надвладее кај земјите членки, можеме да продолжиме многу бргу. Би сакале работите да бидат решени на почетокот на 2020 за да бидеме подготвени за самитот во Загреб, бидејќи тоа е рокот кој си го поставивме. Сега почнавме да разговараме за методологијата. Треба да работиме на тоа.“ - изјави Тимоние.

Министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде која попладнево се сретна со министерот за надворешни работи Димитров, истакна дека ќе продолжат да ја поддржуваат земјава во интеграциите кон ЕУ, додека Димитров потенцираше дека „нон – пејперот“ е се уште предмет на анализа подвлекувајќи дека преку документот јасно се гледа процес кој што има крајна цел а тоа е членство.

Од Советот на ЕУ порачуваат дека францускиот предлог за реформа на политиката на проширување ќе биде разгледан за прв пат утре, но не се очекуваат конкретни заклучоци.

Инаку, на Самитот на ЕУ минатиот месец Скопје и Тирана не добија датум за почеток на преговорите поради инсистирањето на Париз на нова методологија за преговори. Следниот самит на ЕУ треба да се одржи во мај во Загреб.