Новата цена на струјата натера дел од бизнисмените да отпуштаат вработени

Чуден молк од бизнисмените за новите цени на струјата и втор ден откако тие се објавени јавно, а од денеска се веќе на сила. Засега нема ниту една реакција од оние бизниси кои со струја се снабдуваат на регулираниот пазар, а чии фактури од месецов ќе бидат зголемени неколкукратно.

Велешки бизнисмен кој два дена се колебаше, па сепак реши да не зборува јавно, најави дека поради поскапувањето на струјата од денеска почнал да ги одјавува вработените. Струјата учествува со огромен процент во производите кои неговата компанија ги произведува, па вели дека од досегашните 500 илјади, сега за струја месечно ќе треба да плаќа по 1 милион и 200 илјади денари, што работењето му го прави нерентабилно.

Странските партнери не сакале да слушнат за поскапување на производите кои ги купуваат од него. Запрашан зошто ова не сака јавно да го каже, вели наведната глава сабја не сече.

Цената на струјата за компаниите кои се снабдуваат на регулираниот пазар скокна 140 отсто и ќе изнесува 13,8 денари во скапа и 10,1 денар во евтина тарифа без преметан трошок за дистрибуција. Објавувајќи ја новата цена, првиот човек на Регулаторна Марко Бислимовски за индустриските потрошувачи се осврна само на цената за моќност која се намалува, во зависност од големината на потрошувачката.

На прашањето колку овие намалувања на цената за моќност ќе го амортизираат енормното поскапување на струјата, од Регулаторна велат дека тоа е прашање за Министерството за економија и потсетуваат дека цената на струјата на слободниот пазар во моментов е многу повисока и изнесува и до 600 евра. Досега ниту Стопанските комори не се изјаснија за новата цена на струјата.