Нова, зголемена цена на дизелот
Втор ден граѓаните живеаат со новиот ценовен шок, откако Владата одлучи да не ги продолжи дел од антикризните мерки кои беа наменети за спас од кризата. Во маркетите веќе се испорачани производи со повисоки цени, а денеска поскапување може да се забалежи и кај пецивата. Покрај растот на цените на храната, деновиве постојано се менува и цената на горивата.
Бизнис заедницата бара активирање на државните резерви, елиминирање на процедурите за обновливи извори, но и поголемо производство како на струја, така и на храна.
Владата се уште анализира. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак веќе излезе со конкретни мерки. Бараат итна собраниска седница, обвниуваат владата ја турка државата во се поголема сиромаштија.
„Потребно е веднаш владата да донесе мерки за стопирање на двоцифрената инфлација.Затоа бараме предлог-закон со кој прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, односно до 31 декември 2022 година. Ценовниот шок кој сега се случува е само распламтување на веќе постоечкиот ценовен шок.“ - изјави Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од министерството за финансии најавија нови антикризни мерки, освен што посочуваат дека ќе бидат потаргетирани, други детали нема.
„Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците, како и средства за покачување на пензиите, и зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход.“ - велат од Министерство за финансии.
Од вчера се врати ДДВ-то за основните производи на 5 отсто, но и повисоките маржи за трговците. Наместо 10 и ДДВ за горивата е повторно 18 отсто, а нема повеќе ниту пониска акциза. Вредноста на досега спроведените мерки за ублажување на економската но и енергетската криза државата ја чинеа околу 615 милиони евра. Но и покрај мерките во април инфалцијата достигна 10,5 проценти.