Нова остра реакција на мрежата за заштита од дискриминација против верските училишта во формално образование

Верските заедници на чекор до влез во образовниот систем во државата. Предлог-законот за средни училишта на верските заедници во собраниска процедура. Мрежата за заштита од дискриминација и денеска излезе со остра реакција против овој закон, сметајќи го за противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата.

Од таму апелираат Собранието да не го гласа предлог - Законот, бараат негово итно повлекување и ја повикаа Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. 

МРЕЖА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

Апелираме до пратениците да не го гласаат предлог-Законот и да внимаваат на уставните одредби при гласање и предлагање на закони. Од друга страна, особено загрижува фактот што Собранието, по втор пат, предлага закон со содржина којашто претходно Уставниот суд ја има оценето како неуставна, со што се загрозува принципот на поделба на власта. Таквиот однос на законодавниот дом сериозно го загрозува принципот на поделба на власта, којшто е клучен за едно демократско општество, базирано на владеење на правото.

Новиот закон ќе овозможи дипломите од медресата „Иса Бег“ и другите верски училишта да бидат признати и целосно изедначени со оние од кое било друго средно училиште, што значи дека овој закон ги става учениците од овие училишта во еднаква положба, односно се изедначуваат нивните права со правата на останатите ученици во другите училишта, објаснува министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Ова прашање изминатите години предизвикуваше и сè уште предизвикува низа полемики во јавноста, а законското решение се носи откако на 30 април годинава Уставниот суд ја укина одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште во Кондово. Судот оцени дека одлуката на Владата е незаконита и неуставна, бидејќи Владата всушност дала согласност Исламската верска заедница да биде основач на средно училиште-гимназија.

Според Уставниот суд, ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование, кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта.