Нова европска влада: Екатерина Захариева стана еврокомесар, Словенката Марта Кос обвинета дека работела за југословенските тајни служби
Избран новиот состав на ЕК кој во наредните 5 години ќе раководи со комисијата. Името на новата комесарка за проширување Марта Кос од Словенија која директно ја именуваше претседателката на комисијата Урсула Фон дер Лајен предизвика најголеми полемики поради тоа што беше директно именувана од Фон дер Лајен, а не од нејзината држава каде пак опозицијата обвинуваше дека токму Кос била соработник на комунистичката тајна служба на поранешна Југославија, а пак претседателот на Комисијата за европски прашања на словенечкиот парламент, Франц Брезник, кој доаѓа од опозицијата, одби на дневен ред да ја стави потврдата за именувањето на Кос.
Поради тоа, Фон дер Лајен не можеше да предложи нова Комисија на 10 септември кога беше планирано, туку ја одложи за 17 септември. Сепак Кос официјално ќе биде именувана само доколку ја добие поддршката од Парламентот на Словенија и од Европскиот парламент.
Ресорот за проширување е од особено значење за регионот на Западен Балкан бидејќи сите шест земји, плус Украина, Молдавија, Грузија и Турција, се во процес на проширување. Со исклучок на Косово, сите земји се кандидати, а некои се во преговори за членство.
Фон дер Лајен ги повика другите 26 членки на ЕУ, од кои секоја номинира потенцијален комесар, да го зголемат родовиот баланс меѓу номинираните а на пресконференцијата претседателката на ЕК потенцираше дека очекува секој член од тимот да ги пренесе своите искуства, но и да ги даде своите перспективи за како што рече сила и обединета Европа .
- Целта е да се гарантира дека Европа може да ги наметне своите интереси и да предводи во светот, Тоа значи дека сите комесари мора да работат заедно. Во овој дух, секој извршен потпретседател, исто така, ќе има портфолио на кое ќе се фокусира, за што ќе мора да работи со другите комесари, бидејќи она што влијае на безбедноста, влијае и на демократијата, она што влијае на економијата, влијае и на општеството, а она што влијае на климата и животната средина, исто така, влијае и на луѓето и бизнисот. - рече таа.
Во новиот тим на Фон дер лајен се и екс шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева која сега ќе биде комесар за истражување и иновации, Оливер Вархеј ќе биде еврокомесар за здравје и благосостојба на животните, а пак еврокомесарот за внатрешен пазар Бретон поднесе оставка поради несогласувањата со Урсула фон дер Лајен.
Претходната Комисија имаше четворица извршни потпретседатели и четворица потпретседатели. Во новата Комисија ќе има шест извршни потпретседатели, додека повеќе нема да има обични потпретседатели.
Во Комисијата има 11 жени, но не треба да се исклучи можноста тој број да биде поголем бидејќи сите еврокомесари мора да поминат расправи пред надлежните комисии на Европскиот парламент, а не е сигурно дека сите предложени ќе добијат зелено светло.
Најголем број комесари, 14 од нив, доаѓаат од Европската народна партија (EPP), главната пратеничка група на десниот центар во Европскиот парламент, пет од нив се од редовите на либералите, пет се социјалисти и еден (италијанецот Рафаеле Фито) од евроскептичната група Европски конзервативци и реформисти (ECR).