Нов закон за енергетика

Никој нема да остане без струја поради сиромаштија. Новите мерки во Предлог-законот за енергетика предвидуваат целосна заштита за ранливите категории граѓани. Пониски цени, државни субвенции и забрана за исклучување, сето тоа како дел од амбициозната енергетска реформа што е пред пратениците.

Идентификувани се над 50 илијади домаќинства кои имаат право на поддршка, а министерството работи на методологија за прецизна детекција на сите ранливи потрошувачи.

Иако станува збор за социјално загрозени домаќинства, дел од нив трошат толку струја, што влегуваат во најскапиот, четврти блок, апсурдна ситуација, која новиот закон треба да ја надмине. Со него се предвидува домаќинствата во следните седум години да добијат паметни броила за далечинско отчитување. Министерката се надева дека финансискиот товар за ова ќе падне на Владата. Во првите три месеци од годинава им потфрлање од 35% во производството на струја. Дали доа ќе влијае на зголемување на цената на струјата од 1 јули, дополнително ќе се разгледува.

МЕПСО останува во целосна државна сопственост, со законска заштита од продажба. Исто така, граѓаните ќе можат да се здружуваат и самостојно да произведуваат и продаваат електрична енергија преку локални енергетски заедници. Со законот секој потрошувач ќе може да го смени снабдувачот за струја за само 48 часа и без дополнителен трошок.

Се воведува и посебна регулација за складирање на енергија, што ќе овозможи соларната струја да се користи и ноќе, а не само во текот на денот. Новите правила ќе го либерализираат пазарот на струја, ќе отворат простор за нови инвестиции и ќе создадат посигурен систем, подготвен за енергетски предизвици и европската иднина.