Нов заем од банки во САД или Велика Британија за коридорите 8 и 10д
Наместо новите автопати да се платат со пари од буџетот, тие ќе се градат со скапи кредити. Од министерството за финансии не откриваат детали по најавите на ресорниот министер Фатмир Бесими дека планира ново задолжување од американска и британска банка. Од ресорното министерство за промената на планот не велат дека во државната каса ќе нема пари како што првично планирале, туку сега уверуваат дека нема промена на планот.
Министерство за финансии
„Буџетскиот дефицит во оваа година и во наредните е предвидно да биде наменет исклучиво во капитални проекти, а неговото финансирање е да се направи по најповолни услови на пазарот. За таа цел и се водат разговори со повеќе банки, како американската Ексим, британската банка, како и со повеќе конзорциуми.“
Само пред два месеци одговорниот во владата за проектите на Бехтел и Енка вицепремиерот Артан Груби тврдеше дека во следните шест години од државната каса ќе бидат обезбедени 250 милиони евра, без кредити и еврообврзници, и на тој начин ќе се плати најголемата досега јавна инфраструктурна инвестиција.
Артан Груби
„Парите ќе бидат од буџетот. Само од буџетот ќе се финансира, имаме конструкција од 250 милиони евра годишно за овој проект. “
Сега се отвора прашањето дали промената на финансирање на проектите ќе значи и зголемување на цената на чинење на автопатите, бидејќи најавените кредити од државните банки од Америка и Велика Британија се со сериозно повисоки каматни стапки од оние на Европската банка за обнова и развој. Но од ЕБОР во овој случај не може да се добие кредит поради начинот на кој е избран американско – турскиот конзорциум, без јавен оглас.
А на терен, досега, само за неколку недели три пати владата организираше старт на градежните работи кои сеуште не се започнати.
Засега математиката вели дека 110 километри автопатски делници на коридорите 8 и 10д ќе чинат една милијарда и 300 милиони евра плус 300 милиони евра за експропријација на приватно земјиште. Пресметките велат дека еден километар ќе чини 12 милиони евра а градежните работи ќе завршат за шест години, тоа значи дека годишно ќе се градат по околу 20на километри автопат.
Инаку, проектите на Бехтел и Енка уште не започнати ги следат неколку скандали. Се започна практично со нивниот избор за фирма изведувач без јавен оглас туку со специјален закон. Следуваше сомнителен тендер за избор на надзор на градежните работи, па обвинување за злоупотреба на европско знаменце. Досега на сметката на Бехтел и Енка владата префрли речиси 120 милиони евра кои треба да им служат како аванс за подготвителни работи пред градежната офанзива.