Нов струен шок во најава

48 евра за мегават час е цената по која државни електрани ќе ја продаваат струјата на ЕВН Хоум. Заврши тендерот, а ЕСМ понуди цена која е за 17% повисока од онаа која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач.

Ќе покрива 100 проценти од потребите за домаќинствата и малите потрошувачи. Оваа цена најмногу влијае на крајната цена која ќе треба да ја плаќаат граѓаните од први јули. 

„АД ЕСМ како најповолен и единствен понудувач на тендерот преку електронскa аукциja, му понуди на ЕВН Хоме купопродажна цена на електрична енергија од 48 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини. Добиената купопродажна цена 48 еврa за мегаватчас за периодот Јули-Декември 2022 e за 17% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (Јануари-Јуни 2022).“ - велат од ЕВН.

Сега крајниот збор ќе го има регулаторната комисија, каде ќе се прават последните пресметки, и каде ќе се утврди што од барањата на компаниите ќе се прифати, а што не. Она што засега е познато е дека речиси сите енергетски компании веќе побараа зголемување на цените за своите услуги.  

Заедно со новата цена, се крои и новиот тарифник. Оние домаќинства кои трошат повеќе ќе плаќаат повеќе. Иако се остава простор за измени, досегашните анализи покажале дека тарифирањето би било во 4 блока кои ќе важат само за висока, скапа тарифа. Граѓаните кои ќе влезат во првите два блока според анализите, ќе плаќаат пониски сметки, оние кои ќе надминат 420 киловати потрошена струја во висока тарифа ќе плаќаат повеќе. 

 

Блок тарифи 

Прв блок – до 210 киловати 

Втор блок – од 211 до 420 киловати 

Трет блок – од 421 до 630 киловати 

Четврти блок – над 630 киловати 

 

Се поизвесно е дека од 1ви јули граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја. Неофицијално растот на цената нема да биде понизок од 10 %. Конечната одлука и за цената и за новиот тарфиник, Регулаторна треба да ги соопшти идната недела.