Нов случај на меѓуврсничко насилство

Нов случај на врсничко насилство, овојпат во Куманово. Вознемирувачко видео од меѓуврсничко насилство повторно ја шокираше македонската јавност.

На снимката, која се споделува на социјалните мрежи, се гледа како девојче е опколено од група врсници, а потоа изложено на физичко насилство – добива шлаканици, удари и клоци, додека присутните го снимаат настанот наместо да го спречат. 

Според информациите на 24, инцидентот, се случил пред околу еден месец во Куманово, а обид за негово пријавување во Полициската станица во Куманово бил направен вчера, додека пак жртвата денеска била повикана на разговор во полиција. 

МВР

„Во врска со објавеното видео за кое прашувате, ве известуваме дека СВР Куманово во координација со ОЈО Куманово презема мерки и активности за расчистување на случајот, по што соодветно ќе ја известиме јавноста.“ 

Насилството кога се снима жртвата се претвора во содржина, а не во реална личност која страда и камерата создава психолошка дистанца од последиците – сметаат психолозите и според нив оваа појава во земјава се должи пред сè на влијанието на социјалните мрежи, чувството на популарност и социјален престиж, тотален недостаток на емпатија и емоционална писменост, како и потребата за моќ и доминација. 

 

Видеото предизвика лавина реакции, а граѓаните бараат брза идентификација на учесниците и соодветна одговорност за сторителите. Прашањето кое сега се поставува е - Има ли крај?, откако деновиве зачестија ваквите случаи во државата, а случајот повторно ја отвори дебатата за сè почестото меѓуврсничко насилство, како и за улогата на социјалните мрежи во ширењето на вакви снимки. Инаку, ова е втор случај на јавно објавено меѓуврсничко насилство врз девојчиња во текот на овој месец.