Нов протестен марш во Кочани во организација на Здружението „16-ти Март 2025 Кочани“
Молчат инстотуциите, молчиме и ние. Вака родителите и роднините на настраданите во кочанската трагедија денеска ги испратија пораките до надлежните. На 12-тиот по ред Марш за ангелите, денеска во Кочани, овие луѓе кои пред речиси четири месеци ги изгубија најмилите, повторно ја поминаа истата рута. Свирчиња и молк и пред кафе барот на сопственикот на дискотеката Пулс и пред здрадите на Општина Кочани, полицијата, судот и обвинителството. Сепак, пред почетокот на Маршот родителите ги повторија новите барања до институциите, за парична и институционална помош, но и видео снимање на целиот судски процес.
Претходно денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во својот отчет за едногодишното министерувањето, рече дека одговорност за кочанската трагедија мора да има.
Од друга страна, кочанчани се скептични дека правдата и одговорноста ќе ги стигне оние кои се виновни за пожарот во клубот „Пулс“.
Во меѓувреме, предметот за трагедијата во Кочани е испратен од Врховниот суд на оценка до Кривичниот суд во Скопје. Републичкото обвинителство сè уште размислува дали случајот да остане во Јавното обвинителство Кочани или да биде делегиран на ЈО Скопје. Токму ова родителите го сфаќаат како молк од институциите, па и тие денеска симболично со молк им пратија порака дека кочанската трагедија не смее да се забошоти.