Нов протест на струмичките земјоделци, бараат почитување на договорените откупни цени
Во тензична атмосфера помина двочасовната средба меѓу производителите на ајварката и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
На денешниот нов протест во Струмица, гневните земјоделци посочија дека наместо договорените 30 денари за килограм мешана прва и втора класа како што претходно се согласиле откупувачите и преработувачите, цената паднала на 25 односно 20 денари за килограм.
Пред подрачната служба на Министерството за земјоделство во Струмица земјоделците бараа од државата да најде начин да ги заштити од ценовните манипулации на трговците и откупувачите. Тие реагираат дека по претходно постигнатите договори и најавените цени, состојбата на терен повторно се менува, а дел од родот се откупува по значително пониски цени. Тврдат дека со ваков откуп земјоделецот работи со загуба и бараат институциите да најдат начин договореното да се спроведе и во пракса.
На земјоделците не им се потребни тензии, туку сигурен откуп и институции што ќе останат со нив до конечно решавање на проблемот. Уште еднаш ќе разговараме со откупувачите и преработувачите и ќе го расчистиме секое отворено прашање – најави ресорниот министер по исцрпувачката дискусија.
Инаку, годинава за разлика од лани, цените се пониски за околу 20 отсто, додека производствените трошоци се повисоки. За производителите ова не е само прашање на цена, туку прашање на опстанок.

