Нов протест на организаторите на настани

Со блокада пред Владата, од 12 до 15 часот, денеска организаторите на настани продолжија со протестите, кои најавија дека ќе траат сè додека не најдат решение заедно за соодветна помош да се справат со последиците од пандемијата. 

Од Асоцијацијата на Ивент Индустријата велат дека се уште никој од Владата не им се јавил за да разговараат, туку дека само се допишуваат преку социјалните мрежи или преку медиумите. 

Од Владата соопштија дека се обезбедени средства за организација на поголем број настани од јавен интерес, за чија реализација би можело да бидат ангажирани компании од оваа индустрија со што би им се помогнало да го пребродат периодот кога се организираат помалку настани поради пандемијата.

„Овие компании не се исклучени ниту од досегашните мерки за поддршка, ниту од петтиот пакет што треба наскоро да биде донесен. Исто така, ним им се достапни и средства од бескаматни кредити од Развојната банка, под одредени услови би можеле половина да станат грант. Компаниите кои организираат настани никогаш не биле изоставени од мерките во сите пет пакет мерки. Беа вклучени во ослободување од даночни аконтации на данок на добивка, беа вклучени во ослободување од данок на личен доход, имаа можност за апликација на кредити без камата од Развојната банка, а имаа можност и за субвенционирање на плати.“ - велат од владата.

Во однос на бескаматните кредите од Развојната банка, од Асоцијацијата велат дека секоја компанија треба самостојно да одлучи дали ќе земе кредит и дека дел од компаниите веќе се задолжени со кредити, уште пред пандемијата, или можеби не ги исполнуваат условите за истите. 

Уште еднаш порачаа дека бараат помош од надлежните за да „застанат на нозе“, дека не се неработници и дека немаат намера да останат на товар на државата.