Нов пораз на Борис Џонсон

Во британскиот Парламент, премиерот Борис Џонсон попладнево доживеа нов пораз. Со 322 гласа „за“ и 306 „против“, пратениците го усвоија амандманот од групата предводена од сер Оливер Летвин, со кој се бара прво да се усвои законска рамка за спроведување на договорот за Брегзит. 

Ваквиот резултат му налага на премиерот Џонсон да бара од Европската Унија повторно одложување на излегувањето на Велика Британија од големото европско смејество, но по гласањето во Долниот дом на британскиот парламент, тој категорично изјави дека нема намера тоа да го стори:

„Не сум воодушевен од резултатот. Сепак, нема да преговарам за одложување со Европската Унија, ниту пак законот ме присилува да го сторам тоа“ - рече Борис Џонсон – премиер на Велика Британија.

Во негов жесток стил, Џонсон, пред пратениците продолжи со уверувањето дека најдоброто нешто и за Велика Британија и за Европската Унија е земјата да го напушти блокот на 31 октомври. Истовремено, пратениците кои гласаа за одложување наведоа дека така ќе имаат повеќе време за дебата за договорот, за да не ризикуваат брегзит без договор. 

На улиците на Лондон, пак, десетици илјади луѓе протестираат за нов референдум. Демонстрантите со знамиња на ЕУ и транспаренти со кои бараат Брегзит да биде стопиран, се собраа во лондонскиот централен парк од каде го продолжија маршот низ центарот на главниот град до парламентот....„Речиси сите анкети покажуваат дека сега луѓето сакаат да останат во ЕУ. Чувствуваме дека сме безгласни“, велат демонстрантите...

Многу демонстранти носеа транспаренти, на кои некои го споредуваат Брегзит со изборот на американскиот претседател Доналд или пак ги исмеваат политичарите како што е премиерот Борис Џонсон.