Нов обид за дебата за францускиот предлог во комисијата за надворешни работи во бугарското Собрание

Францускиот предлог и Македонија конечно се најдоа пред парламентарната комисија за надворешни работи на бугарското собрание. По неколку откажани состаноци, бугарските пратеници разгледуват три предлог-решенија за почеток на преговорите меѓу Македонија и Европската Унија.

Поранешната шефица на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска откри дека таканаречениот „француски предлог“ всушност не е француски и побара сите документите за Македонија да се разгледуваат заедно. 

„Имаме малку време да донесеме важна одлука, за да го придвижиме процесот. Вчера до Министерскиот совет доставивме предлог владина одлука, која за жал не беше усвоена и затоа беше донесена предлог-одлука на Народното собрание. На ист начин во понеделникот се беше депонирано во Советот на министри но и тој за жал не беше усвоен.“ - изјави Теодора Генчовска.

Генчовска пред членовите на Комисијата престави извештај за напредокот на преговорите меѓу Софија и Скопје но напоемана и дека има многу малку информации за да донесе конечна одлука.

Од Има Таков Народ, партијата која ја почна владината криза во Бугарија и која резултуираше со пад на владата на Кирил Петков, велат од властите во Скопје, ја направила целата дискусија сосема непотребна.

„Ковачевски рече дека Македонија го отфрла францускиот предлог. Ќе го преведам овој странски јазик. Историските барања не можат да бидат дел од преговарачката рамка. Македонците само го направија бесмислено ова што го разговараме. Проблемот со јазикот останува во воздухот. Ние не го признаваме, другите земји можат да потпишат договори со нив на македонски јазик.“ - изјави Тошко Јорданов, претставник на „Има таков народ“.

Пред стартот на собраниската комисија, Бугарските социјалисти соопштија дека нема да поддржат ниту еден предлог за Македонија додека владата во Скопје не ги исполни обврските утврдени во договорот од 2017 година и декларацијата на Националното собрание.

„Партиите си играат со државата. Ставот на БСП е јасен, нема да поддржиме ниту еден предлог за Северна Македонија. Но тоа не значи дека треба да престане дискусијата, не значи дека бугарските граѓани не треба да се информираат и на бугарскиот народ да не му се објаснува што се нуди и што ги нарушува или не ги нарушува националните интереси.“ - изјави Георги Свиленски претседавач на Генералното собрание на БСП за Бугарија.

Од Брисел пак премиерот во заминување, Кирил Петков, уште еднаш порача дека францускиот предлог не се коси со бугарските ставови и дека за време на целиот процес, софија ќе може да реагира доколку се прекрши договорот меѓу двете страни.