Нов „Марш на ангелите“ во Кочани
Родителите и семејствата на загинатите од трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани попладнево го одржаа 27-миот марш на ангелите.
Маршот почна во 15 часот и пет минути во Паркот на револуцијата во Кочани, продолжи кон трговскиот центар, Управата за јавни приходи и полициската станица, а потоа кај двојниот мост и пред Основниот суд во Кочани и заврши во Паркот на револуцијата.
- Ние не бараме ништо повеќе од вистинска правда – за нашите деца, за сите што ги нема, и за идните генерации кои ќе живеат во оваа земја, посочија родителите.
Пред два дена Кривичниот суд објави дека судењето за трагедијата во Пулс почнува на 19-ти ноември. Роднините порачаа дека очекуваат транспарентно и фер судење.

