Нов каменолом во близина на Велес ги загадува населбите Тунел и Превалец

Итна средба со министерот за екологија, стоп за работата на каменоломот се додека не ги исполни стандардите или жесток отпор со протести. Ова се барањата на жителите на велешките населби Превалец и Тунел, кои синоќа на состанок со еколошкото друштво „Вила зора“ се договараа како да го решат проблемот што го имаат. Велат дека поради прашината која се крева од оваа фабрика и силните детонации, животот во нивните населби станал неподнослив.

„Ако има законски регулативи, 500 килограми, тие ставаат 2 до 2.5 тони на едно минирање. Тоа што се случи пред една недела беше хаварија“ - изјави Дарко Стојанов – жител на велешката населба Тунел.
        
„Бевме еден месец најзагаден град во Македонија, 911 загадување во Велес, втор е Кочани во тој момент, со 59“ - вели Ненад Стојанов – жител на велешката населба Тунел.

Во меѓувреме, општина Велес објави дека каменоломот поднел барање до државата за добивање „А“ интегрирана дозвола. Ова само ги потврдува сомнежите дека фабриката подолг период работи на диво, велат оттаму. Сепак, поради досегашната инертност, жителите се сомневаат и во државните институции.

„Ако тројца рибари фрлат карабит во Вардар, ќе ги затворат дека отепале 5 риби, овие же го рушат пола град, никој ништо не знае“ - изјави Александар Стојанов – жител на велешката населба Тунел.
      
„Министерството за екологија од Скопје велат ние ништо не можеме освен да праќаме инспектори да контролираат“ - вели Симе Трајчевски – жител на велешката населба Тунел.

„Економски неоправдано е таа фабрика да издејствува, таа машинерија што ја имаат е толку застарена“ - рече Драган Трајковски – жител на велешката населба Тунел.

Каменоломот и фабриката за вар се во сопственост на скопската фирма „Техно павер“. Отпадните води кои се испуштаат од неа, ги загадуваат водите на реката Тополка, но досега никој не е казнет ниту за ова. Од „Техно павер“ постојано негираат дека работат незаконски. Инспекторатот за животна средина уште во мај најави засилени контроли, но резултати нема.

Жителите од најпогодените населби ги потсетија надлежните дека Велес знае како да ги решава проблемите со загадувачите, алудирајќи на протестите против велешката Топилница.