Нов долг од 1,3 милијарди евра за избори или за враќање стари долгови?

Опозицијата обвинува, власта демантира. Дали еврообврзницата од 1,3 милијарди евра, која Владата ја планира за 2027 година, ќе биде искористена за финансирање на предвремени парламентарни избори?

Од СДСМ тврдат дека државната каса е празна и оти новото задолжување ќе претставува дополнителен товар за, како што велат, и онака оптоварениот државен буџет. Од опозициската партија дополнително обвинуваат дека дел од средствата би можеле да бидат искористени за финансирање на предвремени парламентарни избори преку како што велат криминални тендери....

Од Владата, пак, ги отфрлаат ваквите обвинувања, оценувајќи ги како неосновани и манипулативни. Според портпаролката на Владата, Марија Митева, планираната еврообврзница е поврзана со потребата од сервисирање на старите долгови, кои, како што наведува, се наследени од претходната власт.

Телевизија 24 побара став и од Министерството за финансии во врска со планираната еврообврзница, односно кога е предвидено таа да биде реализирана и за кои конкретни намени ќе бидат искористени средствата.

Од Министерството за финансии до објавување на прилогот одговор не добивме.