Нов ценовен шок - авто-школите поскапуваат за неверојатни 40 проценти

Полагањето за возачка дозвола од Б категорија станува луксузна авантура достапна само за подлабоки џебови. Од овој месец, цената скокна за 8500 денари, оставајќи ги кандидатите збунети, револтирани, а дел и обесхрабрени да седнат зад воланот.

Сите што сакаат да станат возачи мора да се подготват на нова, значително повисока сметка. Наместо досегашните 24.500 денари, обуката сега чини 33.000 денари и тоа е само почетокот. Еден час на полигон е нови 250 денари. Дополнителните часови по возење чинат 1.000 денари. Секоја употреба на возило за испит се наплатува посебно. Ако на ова се додадат и 1500 денари за лекарско уверение, на крајот на калкулацијата, сметката лесно се искачува и над 40.000 денари. Сопственик на авто школа, ао кој ТВ24 разговараше, а кој не сакаше да зборува пред камера, вели дека работењето со старите цени станало нерентабилно. 

„Поскапено е сè, од гориво, до резервни делови за возилата, па и трошоците за поправка. Не можеме да работиме со цени од пред 10 години кога сè поскапува.“

Во дел од медиумите се појавија информации дека поскапувањето се должи на тоа што Министерството за транспорт и врски вовело промени, со цел подобрување на квалитетот на обуката на возачите и усогласување со европските стандарди. Од Министерството за ТВ24 ги демантираат ваквите наводи и велат дека тие немаат никаква надлежност над работењето на авто школите.

ТВ 24 се обиде да провери и во Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека постои правилник за минималната цена за оспособување на кандидатите за возачи, кој е донесен во 2016 година и потпишан од тогашниот министер Митко Чавков и кај кој оттогаш нема никакви измени. Во меѓувреме, економистите алармираат, ова не е само ценовен шок, туку и удар врз пазарот на труд. Сè повеќе работни места бараат возачка дозвола како предуслов. Ако младите масовно го одложат полагањето, тоа индиректно ќе го погоди и вработувањето.