Нов бран банкарски поскапувања од август, на удар пензионерите и кредитокорисниците

Ако досега провизијата за одредена банкарска услуга изнесуваше 90 денари, од први август за истата ќе треба да платите 120 денари по трансакција. Нов бран банкарски поскапувања, на удар пензионерите и кредитокорисниците.

Зголемувањето на провизиите веќе го најавија две од најголемите банки во земјава, а со истото, дел од услугите поскапуваат и над 30 отсто. Најновите измени на тарифниците што ги најавија дел од поголемите банки во земјава опфаќаат низа секојдневни банкарски услуги. Најизразено зголемување има кај плаќањето сметки на шалтер, што директно ќе ги засегне граѓаните кои не користат дигитално банкарство, особено пензионерите и повозрасната популација.

- Поскапувања се воведуваат и кај сметките за пензионери, каде месечните надоместоци растат од 20 на 25 денари за основните пакети, односно од 30 на 35 денари за повисоките. Дополнително, се зголемуваат и трошоците за девизните сметки, кои ќе се наплатуваат по 35 денари месечно по валута, наместо досегашните 30.

Новиот бран поскапувања дополнително ќе удре и врз граѓаните што од август имаат намера да земат станбен кредит. За нив, финансискиот товар може да надмине и 60.000 денари уште пред да ги добијат клучевите од новиот дом, бидејќи се воведува нова еднократна провизија од 1 до 1,5 отсто од износот на кредитот. Оваа ситуација предизвикува незадоволство кај граѓаните и компаниите, кои, како што велат, секојдневно се соочуваат со „скриени“ трошоци за основни услуги. 

Но, новите ценовници нема да ги погодат само пензионерите. Просечно четиричлено семејство со две плати, кое користи трансакциски сметки, мобилно банкарство, платежни картички и повремено плаќа сметки на шалтер, исто така ќе се соочи со значително повисоки трошоци. Нивниот банкарски трошок може да достигне од 600 до 1.000 денари месечно, а на годишно ниво тоа претставува сума меѓу 6.000 и 12.000 денари.

Економските аналитичари предупредуваат дека новите тарифници ќе значат дополнителен товар за домаќинствата, особено во услови на растечки трошоци за живот, а останува отворено прашањето дали и останатите банки ќе го следат истиот тренд.